Утре протест на матичните лекари

Со мирен протест, кој ќе започне утре напладне пред Министерството за здравство, матичните лекари од земјава ќе го изразат своето незадоволство од, како што велат, немањето слух на здравствените власти за нивните потреби.

Симболично, со утрешниот ден – Светскиот ден на здравјето, Здружението на приватни лекари во земјава го организира третиот по ред протест откако претходните два не вродија со плод, а нивните барања не беа исполнети.

Меѓу главните барања на матичните лекари е покачувањето на капитацискиот бод од 60 на 90 денари по пациент, според кој Фондот за здравство им исплаќа плата на матичните општи лекари, затоа што како што велат, „сè е поскапено, а здравството не е бесплатно“.

Воедно, додаваат оти 30 години добиваат исплата за нивниот труд со задоцнување од неколку месеци.

Меѓу другото, едно од клучните барања на Здружението на матични лекари е воведување законски измени со кои пациентите не би се воделе на име на лекар, туку на име на здравствената установа, за да не се случи да останат без матичен лекар по пензионирањето на лекарот.

Едно од барањата на матичните лекари е и воведување измени во Законот за здравствена заштита со што на хронично болните пациенти би им се олеснил пристапот до лекови.

Ова е уште еден од серијата протести во земјава. Денеска и утре по два часа во денот протестираат вработените во управата и правосудството, а за понеделник е најавен генерален штрајк на вработените во образованието.

Претходна вестПожар во фирма за училишен и канцелариски материјал во Волково
Следна вест57 пратеници гласаа против законска измена за поевтинување на скапите патарини