57 пратеници гласаа против законска измена за поевтинување на скапите патарини

Цените на патарините на јавните државни патишта во Македонија и натаму остануваат исти – односно високи откако мнозинството пратеници во македонскиот парламент го одбија предлогот со кој ќе се овозможеше нивно намалување. Имано, на вечерашното гласање по предлогот за донесување измена во Законот за јавни патишта, 57 пратеници од владечакото мнозинство гласаа „против“ ваковиот предлог на пратениците на „Левица“ Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Поддршка за намалување на цените дадоа 24 пратеника.

Пред гласањето, предлогот го образложи Апасиев кој рече дека измената на Законот за јавни патишта претставува круцијален анти-кризен закон кој владата пропушти да го вметне во претходниот пакет мерки. Со оваа измена се предвидува намалување на цените на патарините за 50 отсто.

-Патарините треба да бидат соодветни на социјалниот стандард на граѓаните и нивната економска моќ. Власта треба да ги земе за пример веќе изготвените, применетите и функционални решенија од државите во Европа. Нашето население предничи во издвојувањето на средства за користење на јавните патишта поради надоместокот за наплата на патарините не само во пропорционален однос со степенот на доход туку и во висината на самата цена, образложи лидерот на „Левица“.

Апасиев наведе и аргументи според кои на годишно ниво за делница од 75 киломентри на човек од Штип потребни му се 1 250 евра, од Куманово 800 евра за 40 километри, од Велес речиси 1 000 евра за 50 киломентри, од Тетово 650 евра за 42 километри, од Гостивар 1 100 евра за 65 километри.

-За истото време од година дена, граѓаните на Унгарија плаќаат 146 евра, на Австрија 109 евра и во Бугарија за 60 евра. Евидентно е дека ние ги ограбуваме сопствените граѓани кои пак ограбени за возраст добиваат и лоши услови и квалитет на патиштата, потенцира Апасиев.

Сепак, мнозинството не ги прифати овие укажувања и гласање против поевтинување на патарините.

Инаку, „Левица“ предлагаше и ново законско решение со кое ќе се одземе правото на Владата да одлучува за начинот на наплатата и определувањето на висината на патарините во државата и да се префрли на Собранието.

Претходна вестУтре протест на матичните лекари
Следна вестСе повлекуваат производи на „киндер“ – АХВ препорачува да не се јадат, туку да се вратат