Мухамед Зекири: Поднесувам оставка, вистината ќе излезе на виделина

Неотповиклива оставка поднесе денеска Мухамед Зекири, генерален секретар на Владата. До оставката доаѓа откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против него и против двајца хрватски државјани за злоупотреба на службената положба.

Во оставката адресирана до претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а која предмалку ја објави на својот профил на Фејсбук, Зекири наведува дека ќе ја докаже својата невиност.

Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија. Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност. Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата, напиша Зекири.

Инаку, денеска Обвинителството за организиран криминал и корупција побара притвор Зекири и за двајца хрватски државјани отако ги осомничи дека со изигрување на тендерската постапка, незаконски присвоиле 145.400 евра.

– Во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на Буџетот на Македонија. Износ што бил поголем  за 145.400 евра, бидејќи договорениот износ за вршењето на консултантски услуги бил 795.000 евра, се наведува во соопштението.

Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за проневера Обвинителството за организиран криминал го добило во втората половина на 2021 година.

– Од тогаш, надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените. Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколкку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска, изјави Рускоска за „Слободен печат“.

Претходна вестПо Русија и Белорусија не стави на непријателска листа
Следна вестЗекири поднесе оставка од генерален секретар на Владата