ССМ на 1 мај наместо марш ќе организира масовен протест за платите

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) одлучи наместо марш, на 1 Мај да организира масовен протест со кој ќе се изрази револт од незголемување на останатите плати со порастот на минималната плата.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски на прес-конференција рече дека се отворени за дијалог, а другата страна како социјален партнер нека ги покани, како што рече, да го решат проблемот.

– На 1 Мај борбата ќе биде на улица, а не на плажите и на ски-центрите на планините. Ние, работниците, да ја сфатиме сериозно оваа порака – да излеземе на 1 Мај и да ги оствариме нашите права. Денеска е објавена синдикалната минимална потрошувачка кошничка  која изнесува 36.786 денари, порасната е за 922 денара зашто во јануари таа изнесуваше 35.811 денари. Дали ова кажува дека е неопходно и што побрзо зголемување на сите останати плати, истакна Димовски.

Ги повика сите синдикати, конфедерации и унии да се приклучат на нивното барање кое, рече, е фер решение за сите три социјални партнери. Не ја исклучува можноста, протестот да прерасне во генерален семасовен штрајк доколку Владата и работодавците во јавниот и во приватниот сектор не одговорат на нивното барање.

– 1 Мај се паѓа во продолжен викенд, но уште поубаво е сите да земеме зголемени плати. Се соочуваме со секакви криви – енергетска, економска, воена, уште ја имаме и КОВИД-кризата. Светот е погоден од голема рецесија и  инфлација, но тоа не значи дека доколку се покачат платите дека ќе настане инфлација. Бидејќи знаеме дека цените на основните производи се ограничени, маржите се ограничени, даноците на производите се намалени и дојде време во ова невреме и на работникот да му се излезе во пресрет, додаде Димовски.

Претходна вестПочина ракометарот Тот
Следна вестКовачевски ја прифати оставката на Зекири, очекува независна и транспарентна истрага