Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, доцна синоќа заврши во притвор откако судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје го прифати барањето на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
По одлуката, со полициско возило кое излезе од гаражата на судската зграда, Зеќири беше однесен во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
-Судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 став 1, точки 1,2 и 3 од Законот за кривична постапка (ЗКП), соопштија од Основниот кривичен суд.
Тоа значи дека судијата на претходна постапка се одлучил за најстрогата мерка бидејќи смета дека постојат опасности од бегство, од уништување на трагите или влијание на сведоци, како и опасност дека ќе го повтори кривичното дело.
Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Со него како осомничени дека му помогнале се и двајца хрватски државјани, за кои исто така е одреден притвор, но со оглед дека се недостапни на органите на прогонот, мерката за нив ќе почне да важи кога евентуално би биле приведени. Меѓутоа, за овие две лица, како што претходно изјави надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ, оперативните сознанија од МВР се дека тие се надвор од државата.
Истрагата беше отворена вчера, а се однесува на злоупотреби во врска со склучување договор за консултантски услуги.
Како што соопшти претходно, Обвинителството го сомничи генералниот секретар оти во периодот од април 2021 до јануари 2022 г., без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма кој бил во вкупна вредност од околу 941 985 евра што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантските услуги.
Откако обвинителството објави дека е отворена истрага, Зеќири набргу се огласи и поднесе неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар. Во објавата, како што наведе, тој е уверен дека ќе ја докаже неговата невиност.