Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера изјави дека градот Мариупол „повеќе не постои“ откако беше под опсада на руските сили цели седум недели.
– Ситуацијата во Мариупол е и страшна, во воена смисла, и потресна. Градот повеќе не постои. Остатоци од украинската армија и голема група цивили се опколени од руските сили, рече Кулеба во интервју за емисијата „Соочи се со нацијата“.
Официјални лица проценуваат дека околу 21.000 се убиени од руските војници во Мариупол, а 120.000 луѓе се уште се во градот. Пред војната, населението на градот изнесуваше 450.000.
Руската армија понуди кратко примирје за време на кое украинските сили треба да се предадат, но украинските власти го одбија рускиот предлог. Украинците продолжуваат да пружаат отпор, користејќи ги нуклеарните скривници под челичарницата Азовстал како засолниште. Русите тврдат дека до сега над 1.400 украински војници се предале, но и дека националистите ги стрелаат украинските војници кои сакаат да го положат оружјето.
Украинската новинска агенција УНИАН, пак, објави дека граѓаните од областа Луганск биле повикани на итна евакуација.
– Следната недела ќе биде тешка. Ова е можеби последна шанса да ве спасиме, рече Сергеј Гаидаи, локалниот гувернер.
Украина очекува жесток руски напад врз Луганск и Донбас, особено откако руските сили го напуштија северот на земјата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди за претстојна офанзива на руските сили во источниот дел на Украина. Според Зеленски, руските војници подготвуваат офанзива операција во источниот дел на Украина. Тој тврди дека „ќе почне во блиска иднина“.
– Тие сакаат буквално да завршат и да го уништат Донбас. Да се уништи сè, по што некогаш беше познат, овој индустриски регион, смета украинскиот претседател.