Османи: Настанот во Битола беше провокација, затоа не учествувавме

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со отворањето на клубот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола смета дека институциите добро постапиле што дозволиле посета на бугарска делегација, но не учествувале на настанот.

-Не дозволивме да паднеме во замката да се даде легитимитет на алибито дека во нашата држава се кршат правата на бугарската заедница. Не бевме дел од таа посета, не дека се отвора бугарски клуб, туку спорно беше името на тој клуб кој тука се смета за провокација и контроверза. Ако не беше тоа име на клубот, ние ќе бевме заедно со бугарската делегација за да се прикаже дека сите заедници ги уживаат сите права на организирање, рече Османи денеска.

Тој призна дека дел од присутните беа тука за да провоцираат, бидејќи кажа дека пред настанот им укажал на бугарските претставници на овие реакции и им пренел, како што рече, биографија на личноста на Ванчо Михајлов и колку тоа ќе биде спорно, дека нема да се гледа добро на тоа.

Министерот за надворешни работи вели дека ова ќе има влијание на односите и преговорите со Бугарија, но смета дека тој процес ќе продолжи бидејќи се работи за стратешкиот интерес на државата – членството во ЕУ.

На прашањето дали чувствува одговорност за провокацијата и како реагира на барањата за негова оставка, Османи посочи дека МНР направило тоа што треба да се направи и така ќе продолжи, а дека тој лично не реагира со емоции туку во интерес на државата.

-Јас не реагирам со емоции туку согласно стратегијата, а тоа е членство во ЕУ, притоа штитејќи ги интересите што ги утврди парламентот во Декларацијата од која нема да се отстапи ниту во запирка. Немам намера да добивам политички поени. Тие што се хранат со крв ќе се идентификуваат во следните денови. Сакам политички поен дента кога ќе почнеме преговори. Но не денеска и затоа мислам и нема да дозволам овој процес да го киднапираат луѓе кои сакаат да градат кариера на емоциите на граѓаните. Не е мое да навлезам во одредени емотивни реакции кои се оправдани од некои општествени кругови, туку да го зачувам и да го промовирам имиџот на оваа држава пред меѓународната заедница и светот, потенцира Османи.

 

Претходна вестССМ со повик до сите работници да излезат на првомајскиот протест за платите
Следна вестНема веќе бесплатен паркинг за функционери, во Аеродром зонско паркирање на уште неколку локации