Неделков и Шаќири разговарале – Владата не дава ни процент повеќе од 10 отсто покачување

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, но останала понудата од 10 отсто покачување.

-Министерот вели: Толку е и не може ни процент понатаму да се оди. Се разбира, и другите барања кои ги имаме доставено писмено до министерството, и за нив да се расправа на Влада, а тоа е усогласување на платите согласно Колективниот договор наредните две години, да се планира буџетот за 2023 и 2024 година, потпишување колективни договори со што ќе се регулираат некои прашања. Така што, не е само ова сламка на сопнување, туку имаме и други работи, изјави Неделков за МИА.

Министерот Шаќири претходно изјави дека на седница на Влада денеска ќе информира за состојбата во образованието и заклучоците ќе бидат пратени до СОНК и соопштени во  јавноста. Неделков рече дека и тие очекуваат одлука од владината седница за да знаат, како што рече, и тие како да се однесуваат.

За повиците од МОН и МТСП да го прекинат штрајкот кој денеска е во седмиот ден, вели дека како претседател на синдикатот нема моќ да ги убеди членовите на СОНК да излезат од штрајкот.

-Бидејќи јас не одлучувам да се прекине штрајкот. Одлучуваат тие што штрајкуваат. Јас сум само тој што ги претставува нивните интереси, рече претседателот на СОНК.

 

Претходна вестКаракачанов и другите што провоцираа во Битола нема да се прогласат за персона нон грата
Следна вестВо земјава ќе се влегува без ковид-сертификат и без тестови