Македонија и оваа година е ставена во категорија на „хибридни режим“ според извештајот „Држави во транзиција – од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“ направен од невладината организација Фридом хаус. Како што јави Гласот на Америка, на скалата од еден до седум, каде еден е најниско ниво на демократски прогрес, а седум највисоко, Република Македонија е рангирана со оценка од 3,5 за демократско владеење, 4,25 за изборен процес, 5,25 за граѓанско општество, 3, 25 за независни медиуми, 3,25 за независно судство, додека 3,00 за корупција. Генералната оценка за демократски прогрес изнесува 3,82 или 47 проценти, како што беше и претходно.
Извештајот опфаќа 22 посткомунистички држави од Централна и Источна Европа и поранешниот СССР. Само 6 од овие земји се сметаат за консолидирани демократии, 4 се полуконсолидирани демократии, 8 се консолидирани авторитарни режими и 11 се во „сивата зона“, односно хибридни режими.
Како консолидирани демократии се сметаат Естонија, Летонија, Латвија, Чешка, Словачка и Словенија. Полуконсолидирани се Полска, Романија, Бугарија и Хрватска, а хибридни режими се Унгарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, Македонија, Албанија, Украина, Молдавија, Грузија и Ерменија.
Македонија падна во категоријата „хибриден режим“ во 2013 година, а од 2017 до лани има раст, но во изминатата година има стагнација.
-Оваа година, за првпат во 21. век, форма на управување што преовладува во регионот на нации во транзиција е хибриден режим. Четири демократии паднаа во оваа сива зона откако непрекинатиот период на демократски пад започна во 2004 година: Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во истиот период три авторитарни режими направија демократски чекори и се приклучија во редот на хибридни режими: Молдавија, Косово и сега Ерменија, се вели во извештајот.
Според извештајот најголем дел од западнобалканските земји и натаму се во категоријата хибридни режими или држави во транзиција, освен Хрватска која е означена како полуконсолидирана демократија. Во однос на извештајот од минатата година, според критериумите на Фридом хаус, Србија назадува и пред нејзе сега се Црна Гора и Македонија. Србија од 2018 година не спаѓа во категоријата демократски држави, односно е меѓу државите со хибриден режим. Црна Гора, Хрватска и Албанија исто како и Македонија, немаат промена во однос на претходниот извештај, односно стагнираат, и покрај тоа што Хрватска и Црна Гора имаат напредок во одредени области.