Полна со тензии беше синоќешната седница на македонскиот парламент која кулминираше со наредба на претседателот на парламентот Талат Џафери да се заклучи собраниската сала. По 22 часот, Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници. Тој бараше од нив, да направат список на пријавени за збор за Дополнетиот предлог закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. По ова, пратениците од опозицијата се собраа пред претседателот на Собранието и бурно реагираа.
-Кого заклучуваш? Ќе ѕвонам на полиција да те пријавам, бе. Кој ти дава право?, извикуваше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски
Пратеникот Миле Лефков, пак, на социјалните мрежи објави видео во кое и порачува на јавноста „Да види како во Собранието кога треба да се пријавуваат за дневен ред се заклучува врата од Собранието“.
Состојбата се смири откако службите ги пребројаа пратениците по што вратата на салата беше отклучена. Во салата беа присутни 38 пратеници.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери рече дека, согласно Деловникот, Собранието може да работи без кворум, но не може да одлучува. Но, седницата не продолжи уште долго и неколку минути пред 23 часот Џафери ја прекина.