Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор со цел утврдување на законитоста на постапката околу подигнувањето на контроверзниот споменик во гостиварското село Симница, во чест на балистот Џемо Хаса, поднесе политичката партија Левица. Барањето е испратено до Министерството за култура а против Општина Гостивар а е во контекст на претходно поднесената Иницијатива против подигнувањето на меморијалниот споменик во чест на борците на УЧК/ОНА во Слупчане.
-Сметаме дека државно-правниот континуитет на Републиката не може и не смее да се темели на лица кои историјата ги познава како докажани фашистички колаборационисти и главни егзекутори на припадници на партизанските одреди. Преку подигнувањето на контроверзниот споменик се врши директен упад во антифашистичкиот карактер на државата и АСНОМ-ските идеали, непосредно утврдени со Уставот на Република Македонија, се наведува во соопштението.
Левица смета дека контроверзниот споменик не ги исполнува клучните формално-правни и материјално-правни претпоставки, кои мора да бидат исполнети за еден споменик да се смета за меморијален и истиот како таков да може да биде подигнат.
-Власта за подигнувањето на овој споменик е запознаена уште во 2018 година, но и покрај тоа, од нивна страна не е преземено ништо за утврдување на легалноста на постапката за негово поставување. Со тоа, апсолутно се докажува поданичкиот однос кој СДСМ го има кон својот коалициски партнер, ДУИ. Бараме министерството по извршениот инспекциски надзор да ја утврди правилно фактичката состојба, да ги преземе сите правни средства кои му стојат на располагање и да ги санкционира противзаконското постапување, а со цел да се спречат во иднина вакви ситуации, потенцираат од Левица