Управата за финансиска полиција вчера поднесе кривична пријава против седум лица за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи. Според сознанијата, седумтемина, од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани. Полицијата се сомнева дека управителите свесно и со намера, изготвиле анализа во која прикажале лажни податоци за земјишта во делчевско кои не ги исполнуваат законските услови за пренамена од земјоделско во градежно земјиште со цел ЕВН на истите да гради фотонапоснки централи.
Тие успеале да ги убедат сопствениците на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат. Подарениот имот за неколку дена го продале на ЕВН за 1,5 милион евра.
– Првопријавениот и второпријавениот во својство на управители на „ЕВН – Електрани Македонија“ свесно и со однапред утврдена намера со изготвување анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намената за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени што не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица – продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи врз основа на која одлука се склучени договори со останатите четворица пријавени. Така управителите овозможиле на сметките на дел од пријавените од ЕВН да се исплатат вкупно 99.431.060 денари за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува 2.146.723 денари, соопштија од Управа за финансиска полиција.
Третиот пријавен пак помагал сето ова да се реализира во пракса. Останатите четворица пак свесно и со намера во пресрет на локалните избори 2021 година склучиле деветнаесет договори за дар на недвижен имот, договори кои во суштина биле договори за купопродажба на недвижен имот, затоа што, како што соопштија од Финансиската полиција, на денот на склучување на договорите им биле исплатени пари во кеш. Со ова, велат од полицијата пријавените ги извршиле кривичните дела „Измама во службата“ „Соизвршителство“ и „Помагање“
Сите овие лица се уапсени и однесени во полициска станица а денеска се очекува да бидат изведени пред судија на претходна постапка.