Ковачевски фрла сидро или весла за Македонија да не се удави во економската криза?

Македонија е упадната во вртлог создаден од економската криза. Ќе успее ли да исплива пред да биде вовлечена кон дното?

На ова прашање одговор треба да дадат од Владата. Таму има многу луѓе кои се бајаги платени со народни пари за да Македонија не биде воопшто во вртлози, но и ако ете се случи да е во нив, да ја извлечат надвор. Може ли тоа да го направат министрите?

До неодамна Владата ја водеше човек кој фрлаше сидро и тргнуваше во пловидба, а како е сега? Кормиларот Ковачевски фрла сидро или силно весла за Македонија да не се удави во економската криза?

Инфлацијата веќе стана двоцифрена, цените секојдневно одат нагоре… Сега поскапува млекото, се бара покачување на цените на месото, горивата на секои два-три дена стануваат поскапи за по неколку денари. Обидите на Владата преку ограничувањето на маржите го запре нивниот раст имаат само неколкудневен ефект…. Каде се другите мерки кои треба брзо да се спроведат? Што со големите давачки за горивата? 

И што е исто така важно до каде е штедењето кое го најави Владата? Време е за стегање на каишот, на помало трошење на државните пари. Во вакви ситуации прво што се прави е штедење на расположивите пари во државната каса бидејќи надворешното задолжување во кое ѓи досегаме високите граници ќе биде залудно.

Каков пример на штедење ни даваат министрите, пратениците, градоначалниците, директорите…? Не се возат веќе во службени возила? Не се виде пример како државните функционери почнале да користат јавниот превоз, велосипеди, да одат пеш на работа со цел да се намалат трошоците. 

Има уште шофери кои си ги носат скапите службени возила дома, за навечер да ги однесат и земат директорите и министрите од „важни настани“ или да се подготвени за итна реакција ако на шефот му дојде идеја како да ја спаси Македонија од економски колапс?

Службените ручеци се тргнати од менито? Лешничиња, кафенца, цедени сокчиња…, подарочиња… снема од функционерското секојдневие или…?

Да, ова се само мали примери како може да се заштеди народни пари. Ама ајде нека ги покажат, а потоа така спастрени нека штедат на други – поголеми ставки. Како што се на пример – тендерите.

Да, факт е дека пред неколку месеци се донесоа повеќе мерки на штедење, со кои се опфатени министрите, градоначалниците, директорите… Сите буџетски корисници се задолжија да ги намалат расходите за 10 проценти, се забрани набавка на мебел и возила, се преполовија средствата за репрезентација, користењето на службените возила…

Оваа мерка заживеа? Прашуваме оти на многу други изречени и фалени мерки до сега тешко им одеше…

Претходна вестДизелот од полноќ поскапува за два денари
Следна вестСе реконструираат пешачките патеки меѓу малите езерца во Градскиот парк