На синоќешниот голем опозициски протест лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се обрати и директно до премиерот Ковачевски говорејки за францускиот предлог околу давањето „датум“ на Македонија. Му порача да не го прифаќа.
– Излези и одби го овој предлог. Ние стоиме позади тебе. Посочувам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и применува. Две третини или 80 пратеника менуваат Устав, а тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека сум претседател, нема да се смени Уставот за да бидат ставени бугарските барања, дециден беше Мицкоски.
Според него, новиот предлог не е ништо друго освен капитулација и бугаризација на земјата на рати.
-Во предлог нема датум за почеток на преговори, туку има услов ако сакате да почнете отворете го Уставот и исполнете ги барањата на Софија. Не лажеа дека не преговараат за јазикот и за идентитетот и не убедуваат дека по којзнае кој пат го заштитиле македонскиот јазик, рече Мицкоски.
Тој посочи дека цели пет години чекаме датум за преговори со ЕУ кој никако да дојде, а беше главното ветување на СДСМ. Ги обвини социјалдемократите дека ја понижија Македонија и се уште сме заглавени во чекалницата на ЕУ.