Две лица загинаа во несреќата што се случила утрово во Кавадарци откако се откачил кранот на чијашто монтажа работеле. Информацијата за МИА ја потврдија и од Основното јавно обвинителство во Кавадарци од каде велат дека несреќата се случила на локација каде се гради зграда. На местото на несреќата се присутни јавен обвинител, увидна екипа и трудова инспекција.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев за порталто Фактор изјави дека падот од оромна висина бил кобен.
-Несреќата се случила точно во 9.40 утринава. Работниците се од Скопје. Станува збор за млади луѓе. Неофицијално едниот е околу 30 години, другиот околу 50. Тие го монтирале кранот за да може да се изведуваат градежните активности на новата станбена зграда. При самата монтажа кранот се откачил, и за жал падот од огромна висина за нив бил кобен. Зградата што се гради е на самиот влез на Кавадарци, спроти хотелот ФЕНИ. Јас сум уште тука, увидот трае, рече Јанчев за Фактор.
Директорот на Опшатата болница-Кавадарци, д-р Диме Коцев, вели дека работниците воопшто не се донесени во болницата, бидејќи брзата помош на лице место констатирала смрт.
-За жал работниците загинале на лице место. Тоа го констатираше екипата на Брзата помош и во таков случај, воопшто не ги носат во болница. Веднаш е повикана полиција и јавен обвинител и телата ќе бидат дадени на обдукција. На градежната локација има и трудова инспекција, вели д-р Коцев.
Повеќе информации се очекуваат во текот на денот.