Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога.
Принесувањето курбан е ритуал што се поврзува со Ибрахим (Авраам) и Исмаил и значи приближување кон Бога. Според Куранот, светата книга на муслиманите, оваа жртва ја заменува човечката која требало да ја направи Ибрахим наместо да го жртвува сопствениот син. Но, Алах тоа го заменил со овен. Подготвеноста на Ибрахим да го жртвува својот син за доброто на Алах предизвикало Алах да му го поштеди животот на неговиот син. Ова се сметало за Господово чудо. Токму поради оваа посветеност во историјата на исламот, муслиманите го слават Курбан Бајрам секоја година за да ги примат Алаховите благослови и прошка.
Традицијата на Курбан-бајрам останала до ден денешен. Обичајот го изведуваат сите муслимани кои имаат можност за тоа, веднаш по клањањето на бајрамскиот намаз. Покрај овен, за курбан може да се принесе и овца, коза, крава или камила. При принесувањето на животното се изговара: ,,Бисмилах – Алаху екбер” што значи „Во името на Алах.Алах е најголем“
Потоа, месото се дели на три дела, еден дел се задржува за семејството, додека другите два им се делат на сиромашните, на соседите и на роднините, а може да се подели и целиот курбан.
Хуманизмот, хармоничните односи меѓу луѓето, меѓу човекот и светот и стремежот кон мир и благосостојба, како основни принципи на исламот на празникот Курбан-бајрам се исполнуваат со посетување на роднините и пријателите и со честитки и добри желби за секој намерник.
Курбан-бајрам се одбележува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-бајрам или Рамазан, а со него се поврзува комплетирањето на Светиот Куран. Курбан-бајрам го одбележува и завршувањето на аџилакот на аџиите кои одат да се поклонат на Светата Ќаба во Мека. Аџилакот е една од петте свети должности на муслиманите.