Ќе го пере ли Пендаровски срамот на ЕУ?

ЕУ со години ни ветува „датум“. Пред секое силно ветување имаше по неколку силни и болни барања кои Македонија требаше да ги исполни. И нашите власти исполнуваа. Следствено ЕУ не ни даваше датум туку додаваше нови барања. И така дојде до промена и на името на државата иако народот на референдум тоа не го прифати. Потоа пак не дојде датумот од Брисел на кој ќе ни дадат датум за да ни даваат датуми за отварање некакви си кластери.

За поголемиот дел од македонската популација ваквото водење на политиката од страна на владеачките структури е голем срам.

-Ја понижуваат Македонија, клечат пред странци, а немаат намера ниту да престанат во тоа само за да се допаднат на Брисел. Нели им е барем малку срам?, е најкраткиот сублимат на многуте реакции на граѓаните осврнувајки се на делувањето на премиерите Ковачевски и Заев сосе нивните министри.

Арно ама шефот на државата Стево Пендаровски вчера посочи дека всушност на европските претставници им е срам затоа што Македонија го сменила името на државата, а Европската Унија не испорачала.

-Нив им е срам што државата која го промени своето име единствена во светот се уште не може да почне, не пак да заврши, преговори. Срам им е, не што ние чекаме 17 години, туку што чекаме со небулозни образложенија, надвор сме со небулозни образложенија, вели Пендаровски.

Добива ли Македонија нешто од тоа што на евробирократите им е срам?

Добива. Еве последно е – Француски предлог кој ни дава датум, ама и датуми на Бугарија на кои може да ни наредува што ќе посака.

Ако македонската власт (пред се Пендаровски и Ковачевски) го прифатат предлогот, срамот во Брисел и другите европски престолнини ќе го снема, ќе се префрли врз Македонија. Не, не, нема срамот да се префрли врз македонските „лидери“ – тие не се срамат од ништо. Срамот и останатите последици се резервирани за македонските граѓани, па дури и за идните поколенија.

Што ќе направат Ковачевски и Пендаровски? Чиј срам им е поважно да го снема?

Претходна вестВработен во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ украл 2 тони нафта
Следна вестПисмо на Котлар до амбасадорката на САД: Немојте да ни нудите нешто што е против самите нас