Такси превозот во Скопје нема да поскапи

Нема да има промени на цената на такси-превозот во Скопје откако Советот на Град Скопје денеска не го прифати предлогот за изменување и дополнување на Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на градот Скопје. На седницата беа предложени три тарифи за наплата на услугите во скопските такси – возила, кои веќе биле усогласени и прифатени од Асоцијацијата на легални таксисти, Синдикатот на таксисти и Групацијата на автотакси-превозници.

Првата предложена тарифа беше онаа која сега се применува, по која таксистите возат веќе 11 години и е 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар, како и чекање во место за еден час 300 денари. Втората предложена тарифа беше 50 денари старт и 30 денари за секој изминат километар, како и 420 денари чекање во место за еден час, што всушност требаше да биде новата цена по која ќе возат таксистите. Третата тарифа беше 60 денари старт и 35 денари за секој изминат километар, како и 480 денари чекање во место за еден час.

Сепак, советниците и покрај тоа што претседателот на Советот, Трајко Славески побара и поединечно изјаснување, не ги прифатија новите цени на такси превозот.

Претходна вестСредношколците ќе се возат бесплатно и за време на летниот распуст
Следна вестНевремето ја отежнува потрагата по третиот исчезнат Македонец на Халкидики, ќе се користи и подводен дрон