Нови автобуски линии ќе воведе најголемиот градски автобуски превозник ЈСП „Скопје“, беше најавено денеска на седницата на Советот на Град Скопје. Директорот на ЈСП „Скопје“, Александар Стојковски, на денешната седница за советнички прашања, најави дека претпријатието работи на воведување нова автобуска линија Радуша – Сарај.
-Оваа линија се воведува по барање на околните жители, а по изготвената анализа која е во завршна фаза од страна на ЈСП Скопје. Новата линија значително ќе ја подобри поврзаноста на населбата Радуша со Сарај, а жителите од Радуша ќе имаат редовен превоз, најави тој.
На денешната седница на Советот беше донесена одлука за воведување на две дополнителни редовни автобуски линии. Првата автобуска линија, со број 29, ќе се движи од Карпош 3 (кај Сити Мол) до Жданец, а ќе се движи по ул. Жданец, ул. Трнодол, ул. Козле, бул. 8-ми Септември, бул. Партизански Одреди и Карпош 3 (Сити Мол) и обратно. Втората автобуска линија е со број 50А, која ќе сообраќа од населбата Хиподром 2 до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Автобусите на новата линија ќе се движи по ул. 1646, ул. Благоја Стефковски, бул. Александар Македонски, бул. Крсте Петков Мисирков, бул. Гоце Делчев, ул. Филип Втори Македонски, ул. Димитрие Чуповски, бул. Св. Климент Охридски и бул. Мајка Тереза и обратно.
Покрај двете нови линии, се врши и промена на возниот ред на линијата број 60, како и промена на возниот ред на линијата број 50 со цел усогласување со возниот ред на новата редовна линија 50А.
Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје се носи врз основа на барања на корисниците на јавниот превоз, а истите врз основа на податоци од снимања на линиите и анализирање на податоци од системот за АВЛ и СМАРТ ТИКЕТИНГ.