Недозволено колење на коњи кои биле запленети во скопската Зоолошка градина е причина за полициско проведување на пет лица вработени во оваа установа и за разрешување на директорот Кристијан Стаменов.
МВР соопшти дека на 14.07.2022 во 18.00 часот, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција при МВР и Одделението за криминалистички работи Карпош лишија од слобода 5 лица, и тоа Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник.
-При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина, се наведува во соопштението.
МВР наведува дека лицата се приведени во полициска станица, каде дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото.
-Од страна на СВР Скопје против сите шест лица ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје, наведе полицијата.
Од друга страна, скопската градоначалничка Данела Арсовска вчера веднаш го разрешила директорот Стаменов.
– По скандалот кој денес ја потресе јавноста разрешен е вршителот на должност директор на Скопската зоолошка градина Кристијан Стаменов. Се оградуваме од индивидуално превземените дејствија на директорот. Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука превземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува, се наведува во соопштението.
Според сознанијата, коњите била заклани во послеба просторија а за тоа било ангажирано посебно лице од страна. Имало молби од вработените тоа да не се прави но тие биле залудни. Според првичните информации, коњите биле наводно запленети од дрвокрадци.