Поранешната сопруга на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Ивана, почина вчера на 74-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство.
-Нашата мајка беше неверојатна жена. Таа беше силна во бизнисот, спортист од светска класа, зрачеше со убавина и беше грижлива мајка и пријателка, се вели во изјавата на семејството Трамп за АБЦ Њуз.
Ивана е првата сопруга на Доналд Трамп, а двајцата имаат три деца: Доналд Џуниор, Иванка и Ерик.
-Таа беше прекрасна, убава и неверојатна жена, која водеше одличен и инспиративен живот, објави Доналд Трамп на својата платформа за социјалните мрежи.
Трамп, која е родена во денешна Чешка, се омажи за поранешниот претседател во 1977 година. Тие се разведоа 15 години подоцна, во 1992.
Полицијата верува дека причината за смртта може да е случајна, според Асошиејтед прес. Извори за новинската агенција рекоа дека Трамп била пронајдена онесвестена во близина на скалила во нејзиниот дом во Њујорк, и се верува дека можеби паднала.
По разводот Ивана Трамп започна со лансирање на сопствени линии на производи за убавина, облека и накит.
Фото: Макфакс