Без јасен став за прифаќање или одбивање на францускиот предлог завршила синоќешната седница на Централниот одбор на ЛДП, која е дел од владината коалиција. На седницата членовите на оваа партиско тело донеле заклучоци од кои не може да се заклучи како ќе гласаат нивните двајца пратеници во македонскиот парламент.
Во соопштението од ЛДП се наведува дека поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Македонија во ЕУ, ЛДП недвосмислено се залага за целосно полноправно членство на нашата земја во Европската Унија, со сите свои културни, јазични, историски и идентитетски особини, како и сите други 27 земји членки на Унијата. Во нив се наведува дека македонската Влада треба да ги продолжи разговорите со ЕУ со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси.
-ЛДП смета дека од преговарачката рамка мора да се изостават сите евентуални билатерални прашања наметнати од Бугарија и секој обид за вметнување такви прашања е неприфатливо и ЛДП нема да поддржи било каков напор од таква природа. За ЛДП, билатералните записници (протоколи) кои ги потпишуваат Република Северна Македонија и Република Бугарија ќе бидат обврзувачки за двете држави, не смеат да се однесуваат на евроинтегративниот процес и сите прашања мора да се усвојат со апсолутен консензус, билатерален, и домашен, се наведува во заклучоците.
ЛДП се залага на првата Меѓувладина конференција да се усвои преговарачката рамка, со што ќе почнат пристапните преговори, скрининг процесот, а потоа и отворање на поглавјата.
-Бараме од Владата на Република Северна Македонија континуирано да го информира Собранието на Република Северна Македонија за конечната усогласена Преговарачка рамка и другите документи кои што ги усвојува Советот на ЕУ, како и за целиот процес, стои во заклучоците од ЛДП.