Иницијатива на Општина Центар: Наместо со 30 да се дооформуваат само парцели каде има 70-процентна сопственост

Општина Центар ќе поднесе иницијатива за измена на Законот за градежно земјиште со која ќе предложи наместо со 30 отсто сопственост, да може да се дооформува земјиште со 70 процентна сопственост. Предлог-иницијативата за измена и дополнување на постојниот Закон за градежно земјиште вчера до советниците ја поднесе градоначалникот Горан Герасимовски во рамките на 12-тата седница на Советот на Општина Центар. Иницијативата ќе се поднесе до Министерството за транспорт и врски а заизмена на повеќе законски членови.

Со постојниот Закон за градежно земјиште, како што нагласуваат, предвидено е лицето кое има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежната парцела, градежното земјиште во сопственост на државата да може да го отуѓи со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација. Законот предвидува градежното земјиште во државна сопственост да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности. Ова се однесува и за градежното земјиште под објектот, односно делот од објектот за кој е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за градежното земјиште кое се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот.

– Општина Центар смета дека со постојното законско решение, во делот кога градежното земјиште сопственост на Република Македонија се отуѓува за оформување на градежна парцела, земјиштето сопственост на државата не е во целост заштитено, односно е расцепкано поради што не може да биде предмет за реализација на капитален проект или друг објект од јавен интерес. Со иницијативата се предложува соодносот за оформување на градежна парцела да се смени и наместо сегашните 30 отсто од градежната парцела кои лицето подносител ги има во сопственост, да се изменат во 70 отсто, односно можност за откуп на градежна парцела да имаат само оние лица кои ќе поседуваат сопственост од минимум 70 отсто од градежната парцела, појаснуваат од општина Центар.

По изгласувањето на иницијативата, како што велат, Општина Центар овој предлог ќе го достави до ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски, како надлежно министерство. Со оваа иницијатива, посочуваат, општината го заштитува државното неизградено земјиште, го заштитува јавниот простор и ги заштитува жителите на општината.

Претходна вестЛДП без јасен став за францускиот предлог
Следна вестКонтрола на АХВ: Месото од закланите коњи ќе се уништи, следуваат казни