90 комунални претпријатија алармираат: Ако нема помош од Владата или банкрот или поскапи смети за вода и собирање ѓубре

Бараме финансиска помош од Владата бидејќи поскапувањата на струјата и на горивото не доведе до работ на банкрот. Ако не уследи помош, или ќе се случи банкрот и прекин во давањето на услугите или граѓаните ќе треба да плаќаат повисоки сметки, побара денеска  Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ). На прес-конференцијата пред Владата членовите на ова асоцијасција која обединува 90 јавни претпријатија по македонските градови алармираа дека веќе немаат пари да ги плаќаат сметките за струја и други потреби за секојдневното функционирање за потребите на граѓаните.

-Цената на струјата е петкратно зголемена, на горивата дупло. Бараме Владата да ја покрие разликата за да се избегне банкрот или прекинување на давање на услугите, посебно испорака на вода за пиење и собирање на ѓубре. Не сакаме да се доведеме во ситуација на уште еден ценовен удар, а тоа се повисоки сметки за граѓаните на што ќе бидеме приморани ако нема слух од Владата, рече Пеце Милевски, претседател на Здружението на даватели на комунални услуги.

Здружението бара средба во Владат за да се види како да се реши порастот на трошоците во работењето.

-Поради енормниот раст на трошоците на струја, растот на цената на бензините, кој е речиси стопроцентен  и инфлацијата чие ниво е алармантно имаме драматично зголемување на трошоците во нашето работење. Како претпријатија, даватели на комунални и водоводни услуги ние имаме обврска кон граѓаните да продолжиме да ги оствариме услугите на потребно ниво и покрај сите макроекономски предизвици со кои се соочуваме, рече Милевски.

Тој објасни дека нивните биланси се на работ на издржливоста.

-Во една таква ситуација излезот е или покачување на цената на услугите, што и не е наша цел бидејќи тоа ќе падне на товар на граѓаните, или системска помош на Владата како начин заеднички да го заштитиме стандардато на граѓаните и да се избегне банкрот и прекинување на давањето на услуги, вели Милевски.

Директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински очекува од септември сметките за електрична енергија да се зголемат за најмалку пет пати. Вели дека во работењето Водовод, струјата е неопходна и оти поради високите зони пумпите работат 24/7.

-Дополнително сме оптоварени со наследени обврски кои претпријатието ги имаше некаде повеќе од 300 милиони денари. Сега сме некаде на околу 270 милиони денари и сето тоа после летниот период практично ќе го оневозможи нормалното функционирање на „Водовод и канализација“ – Скопје и затоа се обидуваме да стапиме во контакт со централната власт, вели Перински.

Претходна вестЈСП „Скопје“ апелира граѓаните да носат маски во автобус
Следна вестПовреден мотоциклист во сообраќајка на „Рузвелтова“