Согласно Одлуката на претседателството, се наложува да се одложат и откажат сите службени и не неопходни приватни патувања на пратениците во текот на месец јули со цел непречено работење на Собранието, соопшти денеска македонското Собрание. До ова дојде по средбата на претседателот на парламентот Талат Џафери со со координаторите на политичките партии откако на денешната седница бр. 79. свикана за во 11 часот, на списокот за присутни пратеници се потпишале 85, а во салата беа присутни 58 пратеници.
Претседателот Џафери од пленарната сала ги повикал пратениците да влезат во сала, за да може пленумот да продолжи со работа, при што, поради немање кворум, морал да ја прекине седницата. Тој потоа ги повикал и сите лидери на политичките партии од владејачкото мнозинство на средба во неговиот кабинет.
-На средбата, претседателот потсети дека сите пратеници во Собранието се еднакви и ги претставуваат граѓаните кои ги избрале и им дале мандат. Со ваквото однесување се покажува дека за одредени пратеници, приоритет е нешто друго а не практикување на мандатот кој што им е доверен од граѓаните. Претседателот потсети дека тој е секогаш подготвен седниците да ги започне на време, доколку пратениците се присутни во сала. Тој исто така, нагласи дека доколку има какви било разлики во одредени ставови внатре во коалицијата, истите треба да се решат на друго ниво, не во пленарната сала. Дополнително, претседателот нагласи и дека согласно Одлуката на претседателството, се наложува да се одложат и откажат сите службени и не неопходни приватни патувања на пратениците во текот на месец јули со цел непречено работење на Собранието, се наведува во соопштението на Собранието.
Според Џафери, би било коректно тие кои не сакаат да доаѓаат во Собранието и да бидат дел од работата на оваа институција, до него да поднесат барање за седница за распуштање на Собранието.
-Ако тие не предложат, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието да се знае која е главната цел за нас, 120 пратеници. Во овие моменти Собранието треба да функционира без разлика дали му се допаѓа тоа некому или не. Ова е демократија, а уцените не се дел од демократијата. Јас друг излез немам освен да ја прекинам седницата, а ако некој мисли дека седница ќе биде закажана со уцени и ултиматуми, е грешка. Кој не сака да биде дел од мнозинството треба да каже дека од денеска не е мнозинство и нека прави мнозинство со кого сака, рече Џафери, потенцирајќи дека „ова не може да се толерира“.
За продолжението на оваа седница, претседателот на Собранието рече дека дополнително ќе извести