Во последните 5 години никогаш немало купување на пратенички гласови во нашето Собрание, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ. Во синоќешниот настап во емисијата „Трилинг“ тој одговори на прашањето за можно купување гласови на пратениците во пресрет на најавените уставни промени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Тој рече дека тоа што успеале во еден значаен процес да се направи, да убедат определен дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат „за“, во случајот за Договорот од Преспа, било една сериозна задача, којашто требаше да нè внесе во НАТО.
– Пред нас е уште една таква задача, а тоа е продолжување на патот на преговорите со ЕУ, бидејќи веќе ги започнавме. Мислам дека треба секоја политичка партија и секој пратеник да има доволно чувство на одговорност во наредниот период. Ќе има време да се одлучи дали е за патот на ЕУ или е против. Мислам дека е тоа дилемата, не е ништо друго. Содржински уставните измени којшто сега треба да ги направиме се далеку понепроблематични, од тоа што сме правеле во минато со Договорот од Преспа. Ова сега е додавање на уште неколку заедници или групи во нашиот устав што отсекогаш бил наша вредност, ништо ново, ништо поразлично, додаде Маричиќ.
Вицепремиерот најави дека за уставните измени ќе се отвори дијалог со сите партии и сите пратеници ќе имаат можност во наредниот период, да се изјаснат на која страна на процесот ќе бидат, дали за ЕУ и продолжување на тој пат или за нови застој и блокади.
– Јас сум убеден дека мудро ќе одлучат пратениците во тој нареден период, имаме доволно време да разговараме со сите и да ги убедиме и се надевам исто така и дека опозицијата ќе го разбере овој процес колку е важен и колку е важно да се обединиме околу ова, додаде Маричиќ.