Стерјовски не молчи како македонските власти: Во Албанија нема бугарско малцинство

Во Албанија нема бугарско малцинство. Ова во интервју за албанската телевизија „Јуроњуз Албанија“ го изјави лидерот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски.

-Сета оваа е поврзано со политиката и односот на бугарската држава, што таа го има воопшто со македонската нација и со Македонија, но и секаде каде што има македонско малцинство во другите балкански земји, Бугарија тврди дека тие се Бугари. Бугарија ја прошири својата пропаганда и во областите каде што живее македонското малцинство во Албанија, во областа Гора, Преспа и Голо Брдо, вели Стерјовски.

Додава дека, искористувајќи го членството во Европската Унија, Бугарија, заканувајќи се со вето извршила притисок врз Албанија да признае непостоечко малцинство.

– Во сите извештаи што Албанија ги правеше за меѓународните организации кои ги следат правата на малцинствата, во ниту еден од овие извештаи не стои дека албанската држава изјавила дека има бугарско малцинство. Токму под притисокот на Бугарија во 2017 година и заканата со вето на членството на Албанија во ЕУ беше признаено непостоечко бугарско малцинство, посочува тој.

Тој оценува дека македонското малцинство се чувствува загрозено, а нема одговор од албанската држава за бугарската пропаганда.

-Како пратеник во Парламентот на Албанија, многупати сум ја искажал оваа загриженост, особено работата на бугарската амбасада и сите активности што ги спроведува за асимилација на македонското малцинство во Албанија. Побарав реакција од албанските институции, но, за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и да нема проблеми со Бугарија и ја остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда и за жал, имаме грубо мешање во внатрешните работи на Албанија за асимилација на македонското малцинство, посочува Стерјовски.

 

 

Претходна вестДомашен притвор за лице кое преку Фејсбук се заканувало на градоначалникот на Кавадарци
Следна вестНово поскапување на горивата од полноќ