На денешниот Ден на рударите рудниците Бучим и Боров Дол објавија дека од 1 септември ќе прекинат со процесот на производство на определен период. Причина е планираната целосна замена на флотомашините во рудникот Бучим со нова опрема, која што е дизајнирана и изработена од светски реномираната компанија Метсо Оутотек. Освен тоа ќе се изгради фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар.
Со тоа, како што информираат од компанијата, рудникот Бучим ќе има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концентрат.
-Проектот за модернизација започна да се реализира уште од септември 2021 година, притоа, во наредниот период се очекува испораката на опремата, велат од компанијата и нагласуваат дека уште од јануари годинава започнале со активности за изградба на фотонапонска централа. За време на реализирањето на овие две капитални инвестиции ќе се продолжи со континуираните геолошки истражувања. До денешен ден се евидентирани дополнителни количини на руда кои што ќе го продолжат животниот век на рудниците за дополнителни 5 до 7 години, порачуваат од компанијата.
Во текот на привремениот прекин со производство посочуваат дека вработените ќе бидат платени согласно законските прописи, при што дел од вработените ќе бидат задолжени за тековното одржување на опремата, а во текот на инвестициските зафати, вработените ќе бидат дополнително ангажирани зависно од потребата.
Од друга страна, градоначалник на општина Радовиш Ацо Ристов вчера порача дека до него стасуваат неофицијални информации дека, пред сè поради енергетската и финансиската криза, се случуваат некакви превирања во рудниците Бучим и Боров Дол за кои што тие немаат никакви официјални информации.
– Би сакал да ги повикам Владата и менаџментот на рудникот Боров Дол и рудникот Бучим под итно да стапат во меѓусебна комуникација и да се обидат да најдат решение за сите проблеми кои што се ставени на маса. Знам дека ова е многу тежок период за сите компании, знам дека тежок период е за сите влади, меѓутоа за Радовиш една од основната дејности е рударството. И Радовиш без рударството и без функција на овие два рудника би се нашол во многу тешка положба, рече градоначаникот Ристов.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, денеска во Пробиштип учествуваше и се обрати на манифестација по повод одбележувањето на Денот на рударите – 28 август. Тој рече дека рударството е еден од најважните сектори и придвижувач на нашата економија.
-Со повеќе од 10отсто во вкупното индустриско производство на државата вашиот сектор е клучен за нашиот напредок. Во Република Северна Македонија имаме над 100 активни рудници кои заедно со своите придружни дејности вработуваат околу 10.000 луѓе. Убеден сум дека и понатаму овие рудници ќе продолжат со својата активна работа, со отворање нови работни места и со одржување на високите стандарди на условите и безбедност при работа за своите вработени и заштитата на околината, рече тој.
Ковачевски потсети дека со законските измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Владата ги направи во 2018 година е исполнето долгогодишното барање на рударите. Сега во пензија заминуваат со навршување на 40 години стаж за мажи, односно 35 години стаж за жени. Тоа значи дека ако претходно рударите се пензионирале на 58 годишна возраст, по ново во пензија заминуваат на 50 годишна возраст, а во периодот од 2018 до денес ова право го оствариле 105 рудари.
-Обезбедувањето на подобар стандард и услови за работа останува наш врвен приоритет. Грижата за работниците и граѓаните е наша основна цел, на која продолжуваме да работиме, рече Ковачевски.