Во Белград се маршираше против Европрајд

Илјадници противници на Европрајд, што требаше да се одржи во Белград во септември, протестираа синоќа и покрај изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека настанот ќе биде „откажан или одложен“.

Во Белград, парадата на гордоста требаше да се одржи на 17 септември, но Вучиќ во саботата изјави дека ќе биде „откажана или одложена“.

Неделниот протест, одржан за време на црковната празнична поворка, беше предводен од свештеници на Српската православна црква, од кои некои епископи велат дека парадата ги загрозува традиционалните семејни вредности и дека треба да биде забранета.

„Спасете ги нашите деца и семејство“, гласеше еден од транспарентите што ги носеа демонстрантите.

Вучиќ во саботата рече дека парадата ќе биде откажана или ќе се одржи подоцна од безбедносни причини. Според него, одржувањето на манифестацијата не е можно во моментите на „тешка криза на Косово и Метохија“ која, како што оцени, нема да заврши барем до 31 октомври.

-Тоа ќе се случи, но во некои други и посреќни времиња, рече тој.

Ана Брнабиќ, мандаторката за состав на новата Влада на Србија, изјави дека во моментов нема услови за безбедно одржување на Европрајд во Белград, бидејќи од 1 септември „нè чека пекол“ и сите капацитети треба да се насочат кон спречување на какви било насилства на Косово. Брнабиќ гостувајќи на ТВ Прва потсети дека Српската напредна странка и претседателот Александар Вучиќ веќе осум години се грижат за организирање на„Прајд“ во Србија, што, како што рече, за разлика од сите други кои претходно биле на власт, покажало до кој степен се почитуваат човековите права.

-Оваа година е навистина тешка и овој септември е особено тежок и специфичен. На 1 септември за нас започнува пеколен период во однос на тоа што ќе се случува на територијата на Косово и Метохија, како ќе реагираат Албанците во Приштина и какви понатамошни еднострани потези ќе преземат. Како и да го свртите, од кој агол и да го погледнете, првото неспорно е да се обезбеди мир и стабилност, рече Брнабиќ.

Претставникот на ОН во Србија ја критикуваше забраната на Белград за Европрајд.

-Тоа е против меѓународните обврски на Србија за човековите права, рече Франсоа Џејкоб, координатор на ОН во Србија.

Претходна вестМлада жена заврши во болница откако ја натепале две жени
Следна вестДенеска се слави Свети Јоаким Осоговски