Православните христијански верници денеска го одбележуваат споменот на Свети Јоаким Осоговски, светител кој има силен култ во североисточна Македонија. Тој се подвизуваше во втората половина на 11 век на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор во една пештера. На тоа место подоцна подигна црква еден друг подвижник, Теодор од Овче Поле, на кого свети Јоаким му се јави во сон. Од моштите на преподобниот Јоаким потоа низ вековите се случуваа многубројни чуда
Житието на свети Јоаким Осоговски сведочи дека тој се угледал на Игнатиј Богоносец „упатувајќи се како ѕвезда многусветла од запад кон исток, дојде во областите на планините Осоговски“. Значи, пустиножителството Свети Јоаким го започнал во селото Градец, во Осоговскиот крај, а потоа засекогаш се населил во една пештера во местото Бабин Дол во близината на Сарандапорската река, каде што останал до крајот на животот. Житието на овој светец сведочи дека педесет години по неговата смрт на местото каде што почивале неговите мошти бил ставен камен темелник на манастир што го носел неговото име.
Свети Јоаким Осоговски живеел во втората половина на XI век а умрел најдоцна во почетокот на XII век. Бил наречен Сарандапорски поради местото каде што живеел. Бил многу почитуван за што сведочи и неговата служба датирана во XIII век. Манастирскиот комплекс на Јоаким Осоговски бил основно светилиште на неговиот култ независно од црковните и политичките услови низ кои минел осоговскиот крај.