Преспанското езеро исчезнува – пропаѓа. Ама не се дава и некогаш елитниот хотел „Европа“ во Отешево. И тој пропаѓа засилено.
И на езерото и на хотелот заедничко им е тоа дека никој посериозно не се бави со нивно сочувување. А, една – две децении, бајаги луѓе работеа на нивно пропаѓање. Сега се оставени еден со друг да си се тешат…
Хотелот беше велелепен, скап, нудеше развој, многу работни места… Ама по распадот на Југославија го зафати вртлогот на приватизацијата – политички специјалитет за туѓото да стане скап имот на избрани луѓе за малку пари. И така почна приватизациониот лавиринт (многу „избраници“ го меркаат), па хотелот на сомнителен начин и изгоре, па беше и се уште е цел на ограбување, па два пати беше објавувано дека е продаден, па сто пати беше објавувано (често и на изборни митинзи) дека ќе биде реконструиран…
Дe португалска фирма го купила, де Арапи го купиле и ќе го прават рај на земјата, де некој македонски извршител велел дека хотелот е под хипотека и сега е негов, де…
Ама еве фотографиите се од вчера. Кој и да е сопственик, се однесува крајно неодговорно.
Таму сретнавме туристи од Австрија кои оделе кон Стење и случајно навратиле.
-Ова е како да си во Украина сега за време на војната, зошто е вакво ова здание?, не прашуваа.
Поарно е да не кажуваме што ни рекоа кога им објаснивме дека е така скоро две децении. A па кога почнаа да зборуваат што мислат за властите и езерото кое пропаѓа… разговорот стана непријатен, болен…