Владата на Димитар Ковачевски, преку генералниот секретаријат во еден ден доделила два тендери во вкупна вредност од близу 400.000 евра на главниот анкетар на антимакедонската СДС, агенцијата РЕЈТИНГ СП-М ДООЕЛ Скопје, во сопственост на Никола Спасов, и тоа за осмислување и реализација на активности за учество на државата на 4-дневен Саем на вино, храна и туризам во Белград, и за осмислување и реализација на 1-дневен Фестивал на храна и вино во Македонија, истакна на денешната прес-конференција Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ .
Тој наведе дека покрај бројните нарачани анкети своевремено агенцијата Рејтинг, била партиско биро за вработување на кадрите на антимакедонската СДС, имено истата анкетната куќа е фирмата од која што доаѓа Мартин Попов, сега шеф на кабинет на премиерот Димитар Ковачевски.
-Омилената рејтинг агенција на антимакедонската СДС во услови на криза и огромна сиромаштија, кога 500.000 наши сограѓани живеат со по 150 денари на ден, од владата на Ковачевски и нивниот поранешен вработен Попов добива близу 400.000 евра. Нерационално и криминално е да се трошат 400.000 евра народни пари во криза и општа сиромаштија, за работи за кои можат да се завршат и од страна на владините агенции, криејќи се зад превезот „промоција на Македонија“ практично плаќаат за партиска промоција во иднина, вели Томовски.
Нејасно е, додаде тој, што точно агенцијата Рејтинг треба да изработи за владата за саемска промоција за 4 дена, и истото да го наплати 400.000 евра.
-Дали со тие пари де јуре се покриваат само електронските флаери кои што ги видовме на фејсбук страницата на Димитар Ковачевски, а де факто се покриваат нарачаните анкети на партијата во иднина?, прашува Томовски.
СДС, како што вели, треба да знае дека анкетите во реалност се прават за реални цели, а не за хранење на и тие малку партиски членови, кои ја имаат изгубено довербата во нив.
-Ниедна таканаречена промоција или анкета ќе ги спаси од пораз. Но за парите на граѓаните кои немилосрдно ги трошат во време на криза ќе мора да одговараат, потенцира Томовски.