Министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите членки на Г7 на виртуелен самит едногласно одлучија да воведат ограничувања на цената на руската нафта, објави на прес-конференција јапонскиот министер за финансии Шуничи Сузуки.
Сузуки рече дека одлуката е донесена со цел „да се ограничи приходот на Русија од енергетски извори“.
Во заедничкото соопштение се наведува и дека доколку е потребно, може да се разгледаат дополнителни мерки за да се обезбеди ефективност на горната граница на цената на нафтата од Русија и дека цената може да се ревидира.
Се додава дека Г7 ќе развие насочени механизми, заедно со рестриктивни мерки, за да се осигура дека најранливите и погодените земји ќе го задржат пристапот до енергетските пазари, вклучително и Русија.
Министрите за финансии на Г7 ги повикаа сите земји производители на нафта да го зголемат производството на нафта со цел да се намали нестабилноста на енергетските пазари и ја поздравија неодамнешната одлука на ОПЕК да го зголеми производството во услови на тесна понуда.
Учесниците на самитот донесоа и одлука за забрана за осигурување на бродови и обезбедување финансиски услуги на руските нафтени превозници по цени над утврдениот праг. Тие го потврдија планот за забрана на поморските услуги за нафта и нафтени деривати од Русија, освен ако не се купат по ограничена цена.
Лидерите на земјите од Г7 на самитот на 26-28 јуни ја потврдија својата намера да ја намалат зависноста од енергетските извори од Русија и условно се согласија да започнат со ограничување на цените на руската нафта и гас. На почетокот на јули имаше предлог границата да се постави на половина од сегашната цена.