Дваесетгодишната македонска сага, верувам, има најблиска паралела со една епизода од англиската серија „Сплетки“ и со расказот „Непознатото ремек-дело“ од Балзак. Во „Сплетки“ (на англиски „Only Fools and Horses“), чистачот на улици (еден од споредните ликови) добива медал од градското собрание затоа што користи иста метла веќе дваесет години. На неговите горди зборови дека „четиринаесет пати ѝ ја сменив рачката, а седумнаесет пати четката“, пријателите збунето го прашуваат: „Како може, по ѓаволите, тоа да е истата метла?“, е почетокот на најновата колумна на претседателот на МАНУ, академик, Љупчо Коцарев.
-По промената на името, знамето, Уставот и учебниците, по барање на Грција, а потоа и по обврската за повторно да се променат учебниците и Уставот поради бугарското инсистирање дека македонскиот јазик и македонскиот народ имаат бугарско потекло, Македонија евентуално (по ветената промена во Уставот) ќе добие „медал“: почеток на преговорите со ЕУ. Меѓутоа, за многумина, вклучувајќи ме и мене, останува горкиот впечаток: „Како, по ѓаволите, тоа може да биде истата држава?“, продолжува академикот Коцарев во колумната која го има за наслов токму поставеното прашање.
Во подолгиот текст објавен во реномираниот дневен весник „Нова Македонија“ тој укажува на некои од парадоксите со кои се сретнува Македонија.
-Членот 7 од Преспанската спогодба е парадоксален и во однос на Македонците што живеат и работат во период од 19 до 20 век во северниот регион на денешна Грција. Да замислиме дека Гоце Делчев во текот на неколку месеци повеќепати ја минувал денешната граница меѓу Грција и Македонија. Според Преспанската спогодба, во периодите кога тој бил во северниот регион на денешна Грција, Македонецот Гоце Делчев имал елински идентитет, додека во периодите кога тој престојувал во границите на денешна Македонија, неговиот македонски идентитет бил „особено различен од оној наведен во членот 7, став 2“. Така, за илустрација, да претпоставиме дека во тек на еден ден, македонскиот корифеј Гоце Делчев ја преминал стотина пати денешната граница меѓу Грција и Македонија, што, според Преспанската спогодба, значи дека само во еден ден тој стотина пати го сменил својот идентитет. Каква парадоксална и бесмислена спогодба?, напишал претседателот на МАНУ.
Академикот пишува и за тоа дека од „антиката до средината на 19 век, еминентни грчки и странски мислители и историчари сметале дека Античките Македонци се грчки окупатори“, по што и дообјаснува детали околу тоа. А текстот го завршува со краток осврт на расказот „Непознатото ремек-дело“:
– Во него се зборува за големиот сликар Френхофер, кој десет години минува сликајќи го и менувајќи го портретот што ќе означи „револуција во уметноста“, „најцелосната репрезентација на реалноста“. Кога, конечно, Френхофер им дозволува на своите колеги да го видат неговото маестрално дело, на нивен ужас, тие здогледуваат бесмислена слика, па по забелешката дека „Френхофер… толку пати го преправал портретот, што од него не останало ништо“, големиот сликар се самоубива. Таков е и случајот со Македонија – толку пати сервилните и неуки политичари ги менуваа и допрва, доколку им се дозволи, ќе ги менуваат нејзините основни суверени атрибути, што од неа не остана речиси ништо – таа постепено исчезнува пред нашите очи, а ние сме само неми сведоци на нејзиното разнебитување. До кога?!
Целиот текст може да го прочитате ТУКА.