Градоначалникот на Арачиново: Ме нападна група на бесрамни лица чии цели се на штета на граѓаните

Бев предмет на напад од група неодговорни, несвесни и бесрамни лица, кои сега се познати на органите на прогонот и чии цели се на штета на граѓаните, раскажа вчера Ридван Ибраими, градоначалник на општина Арачиново, кој вчера беше претепан од група од неколку лица. МВР соопшти дека поради ова се приведени три лица – Р.А., Р.А. и Б.А.  и дека против нив ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело Насилство по чл.386 од КЗ.

Во објавата на Фејсбук Ибраими, кој е избран за градоначалник како кандидат на ДУИ, наведува дека нападот се случил во раните утрински часови на почетокот на работното време во негова градоначалничка канцеларија.

-Без никакво предупредување и образложение, групата веднаш влета во напад, кој прво беше вербален, а потоа и физички, што според кривичниот законик на Р.С.М. претставува тешко кривично дело. Причини за нападот се нереализирање на нивни лични и деловни барања. Демек, со моите постапки како градоначалник им се уништиле сметките. Најпрво бараат именувањата на директорите на основните училишта да се вршат според нивните барања, без да исполнуваат никакви законски критериуми, но преку кои полесно ќе ги остварат своите цели и ќе бидат во нивна служба. Намерите на оваа група имаат лоша позадина, кои се на штета на жителите на општината, заканувајќи се и уценувајќи ги многубројните екипи кои ги извршуваат своите работни задачи, а кои се дел од разни проекти. На оваа група несвесни луѓе, како и на многу други, известувам дека целта на кандидирањето за градоначалник не беше тоа што дојдов од улица, невработен, ниту да се збогатам или да се поврзувам со валкани бизниси, наведе Ибраими.

Првиот човек на Арачиново истакнува дека нападот нема да го натера да се откаже од реализација на дадените ветувања, а ги повика надлежните органи на обвинителството и јавниот ред да ја вршат својата службена должност и „одговорните за ова кривично дело да се појават пред органите на правдата и еднаш и за сите, секој што има такви криминални намери, нека ја добие заслужената казна“.

Претходна вестОбјавен конкурс за прием на 200 професионални војници, почетна плата 25.000 денари
Следна вестБислимоски: Kражбите на електрична енергија oдат на товат на Електродистрибуција а не на потрошувачите