Синтетички дроги плаќани со криптовалути пристигнувале во Македонија по поштенски пратки

Пресечен е синџир за набавка на синтетичка дрога преку интернет платформата „Даркнет“, која била плаќана со криптовалути, а испраќана во Македонија сокриена во вообичаени поштенски пратки, соопшти денеска МВР. Во инфорамцијата се навеудва дека акцијата била спроведена во соработка со германската сојузна царинска служба ЦКА и германската БКА, како и со Царинската управа на РСМ.

-Преку директна комуникација и соработка на ОСОСК – ЕНТД со ЦКА и БКА од СР Германија и помеѓу ОЈО Скопје и Јавното обвинителство од Франкфурт – СР Германија е добиено сознание за поштенски пратки со наркотични дроги кои пристигаат во нашата држава, а за кои постојат основи на сомнение дека континуирано биле нарачувани и плаќани преку  „Даркнет“ со криптовалути. Притоа, ОСОСК со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во заедничка синхронизирана и координирана операција со германските партнери, Царинската управа и Граничната полиција, на 15.09.2022 година приведе две лица од Скопје, кои во изминатиот период нарачувале амфетамин и други видови синтетички дроги кои пристигнувале сокриени во разни видови на поштенски пратки, се наведува во соопштението на МВР.

За време на претресите во домовите на двете лица врз основа на Наредби од Основен кривичен суд – Скопје, покрај една поштенска пратка со амфетамин, ОСОСК – ЕНТД пронајде и одредени количини на марихуана, гасен пиштол и компјутерска опрема, за која постои сомнение дека се користела за нарачки на дрога. Во координација со ОЈО Скопје, денеска ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело ,Недозволена трговија со наркотична дрога, психоактивни супстанци и прекурсори, предвидено во член 215 од КЗ.

Претходна вестАрсовска и ВМРО-ДПМНЕ да не заборават дека на Скопје му требаат работници, а не кавгаџии
Следна вест„Левица“ со кривична пријава против Талат Џафери: Спречување на избори и гласање е дело за кое се оди најмалку 3 години во затвор