Искреноста не е одлика на повеќето македонските функционери. Премногу често политичарите кои се дебело платени од народот во Македонија едно зборуваат, а сосема друго прават.
Дали во тој „хор“ пее и претседателот Стево Пендаровски? Одговорот си го знае секој кој ја следи политиката во земјава, а сигурно го знае и самиот Пендаровски.
Сепак можеме да посведочиме дека тој како прв човек на државата има понекогаш дури и силни изблици на искреност. Еден таков се случи деновиве при медиумски настап.
– За жал ние сме „купи ден – помини“ политика, рече меѓу другото претседателот Пендаровски.
Оваа искреност тој ја искажа зборувајќи околу темата тоа дали енергетската криза се злоупотребува за некој да профитира на грбот на граѓаните – Пендаровски тогаш нагласи дека профитерите се јавуваат секогаш кога има кризи, војни, конфликти. Тој и нагласи дека енергетската криза пред сѐ е недостаток на стратешко размислување на сите политички елити од 1990 година до денес, кои гледаат само да го истераат мандатот, а да не вложат во големи капитални инвестиции во енергетскиот сектор.
Остана малку недообјаснето дали и тој се става во тие кои гледаат само да го истераат мандатот. Но ќе почекаме некоја нова негова искрена изјава.
Инаку, друг силен изблик на искреност Пендаровски имаше и пред повеќе од три години:
-Да не бев претседател и јас би се иселил од својата земја…, истакна тој.
Има и други искрености од Пендаровски…
Но, сега е вредно да се пренесе неговата поента од неодамнешниот настап на медиумите:
– Од бугаризација се плашат или најавуваат дека ќе ни се случи само Македонците кои имаат лабаво национално самочувство. Навредливо е за македонската нација да кажеш дека протокол, договор, преку механизми на европска интеграција, дека јас и ти можеме да станеме Бугари.
Колку е ова искрено?