По Суперкупот на ред е првиот првенствен двобој меѓу двете најдобри екипи во минатиот шампионат, ТФТ го пречекува МЗТ Скопје Аеродром (19 часот) на отворањето на новата сезона во македонскиот национален шампионат.
„Реков и пред некое време, ние сме МЗТ, влегуваме како шампиони и фаворити. Променивме доста од странците, домашниот ростер остана ист. Мислам дека тимот е во слична физиономија како и лани. Одлучивме малку да го подмладиме тимот со годините, затоа и ги направивме промените. Нè чека доста тешка сезона, но целите на МЗТ остануваат исти – да се напаѓа секој домашен трофеј, додека во АБА-лигата ќе се бориме за подобри резултати”, вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ.
За кратко време, по десетина дена, ТФТ ќе го предизвика МЗТ овојпат во првото коло од новиот шампионат.
„Ја отвараме оваа сезона онака како што ја завршивме минатата, имајќи в предвид дека одигравме и Суперкуп натпревар минатата недела, денешниот против екипата на МЗТ Скопје е четвртти во низа, земајќи ја предвид и минатогодинашната плеј-оф серија. Овој натпревар доаѓа во еден транзициски период за нас, влегуваме со малку изменет состав, без Донован Доналдсон кој во меѓувреме се пресели во Пелистер, како и сеуште без нови имиња во составот кои очекуваме да бидат обелоденети деновиве. Сепак веруваме во она што го имаме, напорно работиме за да бидеме подобри и со сигурност одиме да се натпреваруваме со верба за позитивен резултат на утрешната средба. Имавме прилика да направиме дополнителна анализа на противникот и да корегираме некои од грешките од минатата недела. А со сигурност за очекување е и да имаме подобар пристап – нешто што го ценам како клучен фактор за конечниот исход на натпреварот“- смета тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
Останатите средби од премиерното коло од новата сезона ќе се играат викендот кој следува. На 8. октомври (сабота) ќе играат Навико Академија ФМП-Кожув (18.00), Гостивар-Пелистер (18.00) и Струмица-Еуро Никел 2005 (19.00). Ден подоцна, в недела, од 14 часот, Куманово 2009 го дочекува новиот прволигаш Чаир 2023, а од 17 часот, во СРЦ „Кале“, следува дуелот Работнички – Феникс 2010.