Пендаровски: Неопходен државен консензус околу претстојните уставни промени за кои не треба да се брза

Ќе биде неопходен државен консензус околу претстојните уставни промени, изјави денеска шефот на државата Стево Пендаровски. Тој зборуваше на конференцијата „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

-За продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација, потенцира Пендаровски.

Претседателот рече дека придонес треба да дадат сите – европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура.

-Тоа е национален проект што сите релевантни политички партии го поддржуваат од почетокот на македонската независност до денешен ден, нагласи Пендаровски.

Тој упати апел до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање.

-Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат,  порача тој.

Според Пендаровски, имплементацијата на законите не смее да зависи од имотната состојба, општествен статус, етничка или политичка припадност.

-Круцијален предуслов за правна држава е борбата против организираниот криминал, високата корупција,  клиентелизмот и воопшто, двојните стандарди при имплементација на законите која што често зависи од нашата имотна состојба, општествен статус, етничка или политичка припадност, рече претседателот, со порака дека немаме веќе простор за вакви импровизации.

Претходна вестМинистерство за правда: Немаме никаква надлежност да вршиме надзор над работата на здруженијата
Следна вестБислимоски: Не верувам дека ќе има поскапување на струјата, утре стартува парно греење во Скопје