И Ковачевски ни даде „датум“ за влез во ЕУ: Имал тимови, стручњаци…

Македонија последнава деценија се изнаслуша ветувања од политичарите за добивање на разни датуми. Те сега ќе сме почнеле преговори со ЕУ, те тогаш и тогаш ќе почне да се прави тој пат или зграда, те следната година ќе била реформска, те…

И така граѓаните добиваат датуми, на кои ќе дошол датумот, за да се почне со датумот од кој сите датуми ќе ни се отворени кон датумот кога ќе сме во рајот.

Арно ама…

Сега најнов датум на Македонија и даде премиерот Ковачевски.

-Јас сум убеден дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45% од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство. Ние имаме тимови, стручњаци кои со години се во министерствата кои што знаат што треба да направат во делот на усогласување на законодавството. Не рековме дека сме најпаметни, го зедовме најискусниот преговарач кој постоеше во овој регион, главниот преговарач на Хрватска којшто беше и постојан претставник на Хрватска во ЕУ, кој беше советник на нивниот премиер сега е главен советник на нашиот главен преговарач. Ако сакате да играте во големата лига тогаш мора да имате играчи од големата лига во вашиот тим, рече Ковачевски.

Во која лига сега игра самиот Ковачевски не е јасно. Но тој јасно кажа дека „како ниедна држава требаше да донесеме одлуки кои што беа тешки и кои што предизвикуваа лоши чувства кај нашите граѓани“.

Ќе мора ли до добивање на датумот уште такви одлуки да се носат?

Ова ќе се дознае кога ќе ни дадат датумот за тоа…

Претходна вестОтпадот во Аеродром ќе се чисти по иновативен модел
Следна вестПриведени млади скопјани поради агресивно однесување со полицајци