Топлите радијатори ги пречекаа скопјаните по утринското будење а што го означи стартот на грејната сезона во градот. Надлежните ветуваат дека топлинската енергија ќе ја испорачуваат со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 06:00 до 22:00 часот.
Според најавите, набавен е гас за првите две недели од октомври по најповолна цена, која е двојна поевтина од претходните понуди, а очекувањата се дека од следниот месец ќе се обезбеди гас по поконкурентни цени со цел да има најниски трошоци за граѓаните.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски вчера потврди дека се исполнети сите предуслови за нормално започнување на грејната сезона во Скопје од 15 октомври. Тоа, како што рече, е овозможено со доделените три лиценци за продажба, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија во град Скопје на главна седница на РКЕ.
-Ќе важат и понатаму сите критериуми и параметри кои важеа од претходно, односно загарантираната температура ќе биде 21 степен Целзиусов, а ист како и претходно ќе биде и периодот на започнување и завршување на греењето, прецизира Бислимоски.
Нагласи дека во Белград и во Италија за една недела е одложено започнувањето на грејната сезона, а во повеќето земји максималната температура која се гарантира е 19 степени Целзиусови. Тој вети дека РКЕ ќе направи се што може за да се набави соодветно гориво за да има непречено одвивање на грејната сезона и додаде дека скопјани ќе имаат парно греење без разлика дали ќе работи ТЕ-ТО или не.
Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.
Трите топлани имаат можност да работат на природен гас или на мазут, а по потреба и на дизел, додека когенеративната електрана ТЕ-ТО, која е во приватна сопственост, може да работи само на природен гас. Доколку таа работи задоволува 70 проценти од потребите за греење на скопјани, а останатите 30 проценти ги покриваат топланите Исток и Запад