Власта и опозицијата едногласни, законските промени за здруженијата ќе одат по скратена постапка

Пратениците од власта и опозицијата во Собранието вчера едногласно дадоа поддршка по скратена постапка да бидат донесени законските решенија со кои се забранува формирање здруженија и партии со спорни имиња и идеологии. Со 84 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан, пратениците од власта и опозицијата дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ. Предлогот кој се однесува на здруженијата го образложи пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека со него би требало да се стави крај на отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или активности спротивни на Уставот.

-Последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации. Со измените се предлага како име, скратено име и/или назив на организација да не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх“, истакна Мизрахи.

Според предложениот текст, организации, здруженија, фондации, сојузи и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби.

Пратениците, исто така едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратениците од владејачките партии.

-Во вакви услови на провакции кои предизвикуваат крајно негативни чувства кај граѓаните, предлагаме законот да се донесе во скратена постапка. Апсолутно, да нема никакви дилеми, немаме против никакво здружување, но мора да застенеме во одбрана на нашите темели, а тоа се антифашистичките вредност. Предлагаме, политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам, рече координаторот на СДСМ Јован Митрески, образложувајќи го Предлогот.

Предложените законски измени на двете партии следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации, поради, како што оцени премиерот Димитар Ковачевски, постојното либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија. Отворањето на клубот го осудија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи кои оценија дека тоа е провокација која оди на штета на бугарската заедница во земјава. Според Ковачевски, реакцијата за ова треба да биде упатена на адреса на основачите на клубот кои се вели, македонски граѓани. Министерот за надворешни работи Османи, пак, истакна дека правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост. Претседателот Стево Пендаровски, минатата недела изјави дека во Законот за здруженија постои член по кој може да се преиспита работата на постојните здруженија.

Комисијата за зашита и спречување од дискриминација (КСЗД) во петокот утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот.

Претходна вестКазни за пешаци, возење без дозвола, поминување на црвено…
Следна вестНајмалку 13 лица загинаа откако руски ловец-бомбардер се урна во станбен блок во руски град