Работиме пеш, рачно ги проверуваме имотните состојби на околу пет илјади именувани функционери, изјави денеска претседателката на државната Антикорупциска комисија Билјана Ивановска. Таа во македонското Собрание одговори на пратеничкото прашање на пратеникот Бране Петрушевски кој ја праша – „колку вкупно функционери по стапување на функција, или во рок од 30 дена по стапувањето немаат поднесено анкетни листови?”, врзано за аферата „Тајни имоти“.
-На директното прашање можам да одговорам дека немаме автоматска системска проверка за сите над 5 илјади именувани функционери. Работиме пеш. Очекуваме дека софтверот добиен од ЕУ до крајот на годината ќе профунцкионира и дека тогаш во момент ќе можеме да се произнесеме за секој одделен случај. Нашиот регистер се полни со податоци што ги поднесуваат самите раководни лица. Апелирам до фунцкионерите, но и до премиерот и министрите дека сите именувани лица на функции треба должноста да си ја завршат и имотот да го пријават, рече Ивановска.
Таа нагласи дека од почетокот на функционирањето на Комисијата алармира на техничките, кадровските и буџетските капацитети. Ивановска прочита податоци дека во последните три години се поднесени неколку стотици прекршочни платни налози за неподнесени анкетни листови.
Ивановска изнесе податок дека минатата година имаше повеќе именувања и разрешувања и дека тогаш била направена акција во ДКСК за преглед на 710 функционери.
-За сите поднесовме постапка, околу 400 функционери платија казна и ја завршија процедурата. За останатите е во тек. Нагласувам, прибирањето на информациите е рачно и тоа парламентот треба да го има предвид. Работиме по план, по наша иницијатива и по пријави. За оваа година имаме 54 избрани лица кои се дел од нашиот план, меѓу кои се и десет пратеници. Направивме проценка според ризик и така постапивме. Секој што има информации може до нас да пријави. Очекувам конечно мандатот да го завршиме со функционирање на тој софтвер. Непријавувањето на имот е прекршок, а не кривично дело. Тие што ја платиле казната потоа сепак мора да поднесат анкетен лист за имотната состојба. Да не се мисли дека казната е замена за пријавување на имотот, рече Ивановска.