Штета, Македонците од Бугарија оддржаа час по непокор, а Ковачевски не го слушна во живо

Од вчера во новоотворениот македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград може да се најдат книжевни дела напишани на македонски јазик и да се сретнат луѓе кои го зборуваат и негуваат македонското културно богатство. Сето ова ги израдува сите Македонци каде и да се низ светот. Сето ова е и голема лекција за непокор што го манифестираат со децении Македонците во Бугарија.

Да, клубот е се уште нерегистриран, исто како и други македонски организации и покрај петнаесетина одлуки на Европскиот суд за човекови права поради одбивањето на бугарските власти да го признаат постоењето на Македонците во оваа земја, но, и покрај негирањето, македонското постоење во Бугарија не згаснува туку добива нови импулси. Се бара само признавање на елементарното човеково право да може да се изјасни како што чуствува и да зборува јазик кој е негов.

-Македонците во Бугарија 60 години се борат не против некого, туку за своите човекови права. Ние сме прогласени за сепаратисти, а нашата аспирација е уривање на границите и Обединета Европа. Ние сме прогласени дека сме незаконски, а сакаме да работиме во рамките на законот. Сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци без да не навредуваат. Да може без страв да се собираме и да создаваме. Да бидеме од корист за двете земји и за двата народа – затоа што ја знаеме нивната душа и култура. Да се биде Македонец не е антибугарска работа, изјави вчера Милан Ризаков на свеченото отворање.

И Атанас Мазнов рече дека клубот го отвараат заради зближување на двата народа.

-Јас сум еден од организаторите, а претседатели сме сите ние кои дојдовме тука. Вие се наоѓате во нашиот клуб на неповторливиот и бесмртен поет Никола Вапцаров. Тука имаме Македонци од четири држави и имаме поздрави од Европа и Америка. Ова е сеопшт македонски собир и како таков сакаме да изградиме мост меѓу двата народи, меѓу двете држави. Тоа во аманет ни го остави Гоце Делчев, рече Мазнев.

-Не е ништо ново што и Бугарија одбива да не признае. За нас е важно што самото отворањето на клубот привлече големо внимание, особено во македонската јавност и се надеваме од тоа ќе произлезат позитивни работи, порача членот на претседателството на ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков.

Да, отворањето на клубот привлече многу внимание во македонската јавност. Силно одекнаа испратените пораки за непокор, но и пријателство со другите народи. Ги слушнаа ли во Владата?

Премиерот Ковачевски беше многу зафатен баш тој ден и остана во Скопје. Штета, имаше што да научи. Одамна е јасно дека непокорот е тема на која македонските власти треба да поработат.

Македонците од Бугарија најавија дека ја продолжуваат својата борба за основни права. Ним треба да им се помага од матичната држава, само пред тоа треба да се совлада лекцијата за непокор, а да се заборави научениот урок за клечење-попустливост пред странски дипломати, комесари, емисари…

Претходна вестОд утринава не сообраќаат автобусите на линиите 19, 20, 52, 54 и 22
Следна вестДвајца Полјаци се тепале со 19-годишна скопјанка