По контролата на земјата сакаат ли и небото да го контролираат?

Во зградите за контрола на цивилните летови низ светот секогаш мора се да функционира одлично за да нема грешки кои ќе ги збунуваат пилотите, авионите… Така е сигурно и кај нас во Македонија. Но, за жал хаос деновиве се случува во самата Македонска навигација (М-НАВ) откако 12 заменици на директорите, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори вчера поднеле оставки на своите позиции. Тие се незадоволни од одлуките на тројцата директори за одолговлекување на испраќањето на школување во Данска на нови контролори на летање кои веќе ги поминале сите тестирања. Незадоволство од неиспраќањето на кандидатите и неспроведувањето на конкурсот искажа и Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ).

-Нема да отстапиме од намерата за целосно спроведување на конкурсот за контролори на летање во М-НАВ, давателот на услуги на воздухопловна навигација, како што е по регулатива, изјави за МИА Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори за летање.

Претходно и контролорите на летање кои се вклучени во процесот на тестирање на кандидатите за школување за идни контролори, во канцеларијата на директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди оставиле протестна нота и барање за прераспределување. Тие поднеле оставки на местата за надзор на процесот, бидејќи не сакаат да учествуваат во уривање на успешниот оглас, на кој биле избрани најдобрите 8 кандидати за обука во Данска.

Проблемот се врзува за тоа што се уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ, што ја поминале 12 од 270 пријавени апликанти. Ова компанија која управува и го контролира цивилниот воздушен сообраќај во земјава, уште не одобрила да почне обуката на избраните кандидати, иако за изборот била задолжена лиценцирана фирма од Данска.

Се работи за конкурсот на М-НАВ за осум контролори на летање, а на којшто се пријавиле вкупно 270 кандидати. Проблемите се појавиле по првата селекција кога останале 140 кандидати, но меѓу кои, според тврдењата на вклучените во процесот ги немало поскуваните кандидати на неколкумина актуелни директори во М-НАВ. На крајот, реномираниот тренинг-центар од Данска „Гејт авиејшн тренинг“, по добиен тендер од МНАВ и согласно препораките од Еуроконтрол, избрал 8 најдобри, од вкупно 270 пријавени кандидати за школување за контролори на летање.

Според Синдикатот и според Здружението на контролори на летање, директорите Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски сега намерно не ги праќаат осумтемина на школувањето за кое течат роковите. Доколку поминат 90-те дена од објавување на огласот, а тоа е на 20-ти ноември, тој ќе пропадне и ќе треба да се распише нов.

Зарем најдобрите нема да бидат пратени на дообука? Па нели властите уверуваа дека целото македонско општество ќе треба да се реформира така што најдобрите да го раководат, а не партиските кадри? Ова се прашањата кои сега се наметнуваат во јавноста.

Алексансар Тасевски, претседател на Синдикатот во изјава за порталот СДК.МК. наведува дека целата операција на пропаѓање на успешниот оглас оди преку комисијата која го спроведува. Тој тврди дека Хамиди, Селмани и Крстевски, ги натерале членовите на комисијата да побараат отчет од економскиот оператор од Данска за секој од одбиените 262 кандидати: зошто не поминал, со колку бодови паднал, но и податоци за осумтемина со највисоки оценки – зошто баш тие биле избрани и слично. А со тоа избраните кандидати не се праќаат на обука и се создава основ конкурсот да биде поништен.

Портпаролот на Владата Душко Арсовски денеска изјави дека М-НАВ е институција која има сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет.

-Според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на обука на кандидати за контролори на летање е се уште во тек. Согласно со меѓународните стандарди, М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка, изјави Арсовски.

Од М-НАВ денеска со соопштение реагираа дека твдењата на Синдикатот на Контролори на летање се неточни.

-Селекцијата за контролори што се одвива според препораките на Еуроконтрол, ФЕАСТ тестовите, лекарските прегледи, интервјуата што се филтри кои се спроведени од страна на Данските експерти кои се избрани со постапка за јавна набавка од М-НАВ. Не се точни тврдењата и шпекулациите дека ние како институција не им веруваме на Данските експерти, напротив имаме одлична соработка со нив и нивното меѓународно реноме. Исто така не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на 8-те кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акциониот план на М-НАВ. Ве уверуваме дека процесот се одвива нормално, согласно акциониот план и се очекува да биде завршен наскоро во предвидениот рок согласно сите национални и мегународни стандарди за да можеме да го започнеме школувањето на кандидатите, се вели во официјалната реакција од М-НАВ.

Сепак останува дилемата: дали власта-политиката по контролата на земјата сака и контрола на небото?

Претходна вестБез вода улицата „Франклин Рузвелт“
Следна вестТројца вработени проневериле 450.000 евра од ЈСП „Скопје“