Приватните превозници „Слобода превоз” и „Макекспрес” денеска се собраа пред Градот Скопје и бараат средба со градоначалничката на Градот, Данела Арсовска. Целта е како што велат, да постигнат договор за исплата на заостанатата плата.
Претставникот на „Слобода превоз”, Кемал Муриќ изјави дека на овој начин сакаат да го искажат незадоволството од состојбата во која се наоѓаат сега, предизвикана од огромниот долг кој што Јавното сообраќајно претпријатие не им го плаќа.
-Дојдовме овде да побараме културно и цивилизирано средба со градоначалничката Арсовска. Сметаме дека е погрешно информирана, сакаме да ги чуе нашите аргументи во прво лице. Доведени сме на раб на глад. Ако кажам на глад, тоа е мал збор. Доведени сме во состојба да ни чукаат извршители на врата бидејќи сме задолжени со кредити и слични работи. Ништо друго не бараме, ние сме чесни луѓе, домаќини кои повеќето од нас преку 30 години ја вршат оваа дејност, јавен градски превоз Скопје и убеден сум дека без нашето присуство и нашата помош во извршувањето на превозот ќе дојде до колапс на јавниот градски превоз, рече денеска Муриќ.
Тој напомена дека приватните превозници ќе останат пред Градот се додека трае работното време.
-Искрено ни е жал што дојдовме до ваква состојба меѓутоа долгот е заеднички на сите превозници и ја премина границата од милион ипол евра и повеќе, додаде Муриќ.
Појасни дека во моментов во Скопје ниту една приватна линија не вози но, како што рече, доколку веднаш се договорат за исплата на долгот, уште денеска ќе продолжат со работа.
-Веднаш ако се договориме, веднаш ако ни пуштат некои пари не ги бараме сите пари, ќе покажеме разбирање кон состојбатa.