Повторно оштетен бугарскиот клуб во Охрид

Ново, трето по ред, намерно оштетување на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид се случило синоќа во Охрид.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски синоќа за МИА потврди дека 19 часот и 12 минути во СВР Охрид било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирана на булеварот Македонски Просветители во трговскиот центар Амам во Охрид.

– Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што е утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје, изјави Димоски.

За настанот бил известен јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Пред само два дена со камен беше оштетено стаклото и дел од светлечката реклама на бугарскиот клуб „Цар Борис трети“, кој беше отворен минатиот месец во Охрид.

Бугарските медиуми јавуваат дека македонската амбасадорка, Агнеса Руси – Поповска во Софија денеска ќе биде повикана во Министерството за надворешни работи каде ќе и биде врачен остар демарш поради вооружениот напад на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, јавуваат бугарските медиуми.

Уште синоќа, како што пренесува новинската агенција БГНЕС, бугарските дипломати детално го информирале раководството на Европската комисија (ЕК) за инцидентот во Охрид.

Македонското Министерството за надворешни работи соопшти дека „најстрого го осудува вандалскиот чин што се случил вечерва, при што меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на граѓанскиот клуб во Охрид“.

-Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава. Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава. Сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања, што преставува и законски и уставно загарантирани човечки, граѓански права и слободи – државата како веродостоен кандидат за членство во ЕУ тоа мора да го обезбеди, пишува во соопштението од МНР.

 

Фото: Архива

Претходна вестПроменливо облачно со слаб локален дожд
Следна вестКосово и Србија се договорија за регистерските таблички