Блокадата на крстосниците во Скопје од страна на приватните превозници денеска навлезе во третиот ден, а тие денеска ќе се изјаснат околу јавниот повик на Градот Скопје за одржување на автобуските линии бр. 20 и бр. 22. Во вчерашното соопштение се наведува дека приватните превозници може да аплицираат индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници.
-Единствена разлика е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна, се наведува во вчерашното соопштение на Градот Скопје.
Ова, практично, значи дека приватните превозници ќе треба да конкурираат надвор од двете здруженија преку кои досега учествуваат во јавниот градски превоз одржувајќи повеќе линии. Но, дилема е дали тоа ќе биде прифатливо за нив?
Во вчерашното соопштение од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска воопшто не се спомнува актуелната блокада на приватните превозници на крстосниците во градот.
-Јавниот градски превоз, го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајов, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП Скопје. Основна заложба на ова градско раководство е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Оттука, градот Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеа да оспособи 130 автобуси од флотата на ЈСП со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година, на 270. На овој начин, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра, поефтина, сигурна и стандардизирана услуга, се наведува во соопштението.
Инаку, претставници на автобуски превозници од „Слобода превоз” и „Макекспрес” и вчера соопштија дека блокадите ќе продолжат се до решение за нивните барања. Односно, да се подмири или евентуално да се почне подмирувањето на долгот што Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие го има кон нив во висина од околу 1,5 милион евра.