Претстојниот полуфинален натпревар на Светското фудбалско првенство во Катар ќе биде шести меѓусебни дуели на репрезентациите на Хрватска и Аргентина, а трет на светските првенства. Во петте досегашни натпревари секоја селекција има по две победи, а еден натпревар заврши без голови. Репрезентациите се изедначени на светските првенства, бидејќи секоја има по една победа во групната конкуренција, потсетува „Хина“.
Хрватска и Аргентина за прв пат играа во јуни 1994 година во Загреб пред 38.000 гледачи. Тоа беше пријателски натпревар (0:0) во кој се појави и Диего Марадона, а играа и Габриел Батистута, Клаудио Каниџа, Фернандо Редондо… На другата страна беа Звонимир Бобан, Давор Шукер, Роберт Просинечки…
Овие две селекции вторпат се сретнаа во 1998 година на Светското првенство во Франција. Тоа беше натпревар од третото коло од групата х во Бордо, а Аргентина победи со 1:0 со голот на Маурицио Пинеда во 36. минута. Пред тој дуел Хрватска обезбеди пласман со две победи. Аргентина беше поразена во четврт-финалето против Холандија, а Хрватска подоцна ја совлада таа репрезентација во мечот за третото место.
Следеше пријателска средба во март 2006 година. Хрватска, тогаш предводена од Златко Крањчар, како дел од подготовките за Светското првенство во Германија, во Базел одигра натпревар против Аргентина. Тоа беше натпревар во кој Лука Модриќ дебитираше за Хрватска, додека Лионел Меси го постигна својот прв гол за Аргентина. Хрватска победи со 3:2.
Хрватска поведе во третата минута со голот на Иван Класниќ, но Аргентина направи пресврт со двата брзи гола на Карлос Тевез во четвртата минута и Лионел Меси во шестата минута. Даријо Срна израмни во 52. минута, а Дарио Шимиќ и донесе победа на Хрватска во 90. минута. Тогаш 20-годишниот Модриќ играше до 84-та минута, додека 18-годишниот Меси ги одигра сите 90 минути.
Следуваше уште еден пријателски натпревар во ноември 2014 година во Лондон. Хрватска поведе против тогашниот светски вицешампион, но на крајот Аргентина победи со голот на Меси од пенал во 57. минута за 2:1.
Последниот натпревар овие две репрезентации го одиграа на Светското првенство во Русија во 2018 година, кога Хрватска во групната фаза победи со 3:0 благодарение на Анте Ребиќ (53), Лука Модриќ (80) и Иван Ракитиќ (90). Аргентина беше елиминирана во осминафиналето од Франција, која потоа во финалето ја совлада Хрватска.
Следниот, шести меѓусебен дуел меѓу Хрватска и Аргентина ќе се одигра утре од 20 часот.