Премногу важен закон, со преголема брзина се готви во македонското собрание. Станува збор за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести. Сепак, и покрај брзањето седницата која што требаше да биде оддржана денeс е одложена за 14 декември.
Во Предлог законот е предвидена една силна рестрикција. Имено, во случај на појава на заразна болест, се предлага забрана за влез во објекти за лица кои не се вакцинирани или немаат потврда за прележана болест.
Поточно во членот 28 се додава нова потточка со која се забранува влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест. Во член 29, пак, се додава нов член 29 а, којшто заради спречување на ширење на заразни болести дозволува Министерството да примени технолошки достигнувања како интернет платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично, при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци.
Вакви сериозни измени во кои има и прилично силна рестрикција се предлага да се донесат набрзина – со европско знаменце. На социјалните мрежи има многу реакции од граѓани. Реагира и активиската Гордана Гоџо од организацијата „Од Нас за Нас“. Таа упати отворено писмо до пратениците, во кое ги повикува да го спречат донесувањето на овие како што вели дискриминаторски и антизаконски измени.
– Од предложениот текст на измените односно од предложениот Предлог закон видливо е дека се додаваат и ставки кои претходно беа применувани и внесени во разни Протоколи, а кои очигледно не беа спроведувани законски ниту со нив се врши усогласување со европското законодавство како на пример следење на контакти, користење на технолошки апликации, користење на интегриран информатички систем, особено додадената точка 5 во членот 28: забрана на влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест; Дел од предложените измени се контрадикторни, дискриминирачки и не се усогласени со уставните одредби и ратификувани конвенции, вели во отвореното писмо Гоџо.
Дали пратениците ќе подразмислат по ваквите укажувања? Зошто овој Предлог-закон е со европско знаменце, односно треба да се изгласа по скратена постапка?